Охридските ракометари со победа го започнаа вториот дел од сезоната во Првата машка ракометна лига. Во “Билјанини Извори“ охриѓани го срушија вицепрвакот од есенската полусезона Радовиш победувајќи го со 31-26 (15-11).


Второпласираниот тим на табелата Радовиш рамноправен противник беше само во првите петнаесет минути од натпреварот, кога сеуште охриѓани не беа влезени во посакуваниот ритам.


По минутата одмор на тренерот Горан Андоновски, “гладијаторите“ додадоа гас и веднаш направија опиплива предност од два погодоци, која до крајот на полувремето ја зголеми на +4 (15-11).

Гостите немаа лек за брзиот центар на “гладијаторите“, кои лесно како никогаш до сега постигнуваа голови. Тренерот на “сините“ Живко Андонов се проба на натпреварот, но ништо не му појде од рака.


На средината од вториот дел гостите направија минисерија, но остана на тоа откако голманскиот тандем Пецаков (11 интервенции) и Китески (7) ја спуштија завесата на голот од Охрид.

Стратегот на охриѓани не испушти да им даде шанса на помладите ракометари, кои носени од френетечната публика рутински ги доиграа последните минути од мечот.


Најдобра престава сезонава пружи Мирков постигнувајќи пет погодоци исто колку и Трифуноски. Тројца ракометари имаа по четири погодоци Поп Стефанија, Томоски и Андоноски, пивотменот Тасевски постигна три, Бабачев два и Анѓелкоски еден.

Во наредното второ коло од пролетната полусезона охридските бели гостуваат во Скопје кај екипата на Ѓорче Петров.

Мх.П.