Охридските ракометари в среда со почеток во 18 часот и 30 минути во осмата рунда од плејофот во Супер лигата на домашен терен во „Билјанини Извори“ ќе го пречекаат составот на Металург. Дерби средбата со „металурзите“ за „гладијаторите“ ќе биде шлаг на тортата, односно награда за добрите настапи во разигрувањето, бидејќи охриѓани и математички обезбедија пласман на позициите кои водат во Европа.

– Добро знаеме што значи екипата на Металург за македонскиот ракомет. Металург кој акумилира многу искуство и квалитетот со настапите во СЕХА лигата и Лигата на Шампиони на утрешниот натпревар е фаворит, но ние сме подготвени за голема борба пред нашите верни гледачи. Се надевам дека на дуелот сите ќе имаме свој ден, а ветувам дека ќе дадеме максимум се со цел да ја израдуваме охридската спортска јавност со еден поволен резултат против составот на Металург. – изјави капитенот на екипата, Крсте Андоновски.

Билетот како и претходно ќе чини 50 денари, а за охридските ракометари ова е претпоследен натпревар на домашен терен за сезонава.

OhridNews