Како дел од активностите на кампањата „Гласно против гласини“, утре, 7-ми ноември, со почеток во 11 часот, во просториите на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ќе се оддржи настан против стереотипите и предрасудите кои како гласини се шират за жените со попреченост.

Заинтересираните граѓани може да присуствуваат и активно да учествуваат на настанот, со што ќе дадат свој придонес во кампањата, со цел подигнување на свесноста за последиците од ширење гласини кои поттикнуваат родови стереотипи и предрасуди.

Кампањата „Гласно против гласини“, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, е поттикната од потребата да се стави крај на стигматизацијата на жените и девојките во општеството врз основа на приказни и верувања полни со непроверени информации, сомнежи и невистини.

Преку слоганот „#СекојаЕднаЕВредна“ оваа кампања има за цел да ја подигне свеста за штетното влијание од ширењето „гласини“ кои доведуваат до родови стереотипи и предрасуди кон жените и девојките од руралните средини, жените Ромки, младите и кон жените со попреченост.

Почетокот на кампањата беше означен со настан во Скопје преку промоција на видеа базирани на  инспиративни приказни на четири жени кои во својот приватен и професионален живот постојано се соочувале и справувале со родово-базирани гласини.

Протагонистки на кампањата се г-а Мартина Димоска, г-а Гзиме Фејзи, г-а Искра Донева и г-а Фатма Бајрам Аземовска. Преку нивните лични приказни кампањата испраќа порака против гласините и стереотипите кои тие, и многу други жени, ги доживеале. Дел од пораките што тие ги испраќаат се дека инженерството не е само машка професија, дека жените Ромки еднакво учествуваат во образовниот систем и јавните институции, жените од руралните средини може да бидат врвни претприемачки, жените со попреченост, исто така, се дел од образовниот и придонесуваат во општеството како и сите други, и други слични пораки.    Во рамки на кампањата постои и Фејсбук страна за поддршка: https://www.facebook.com/GlasnoProtivGlasini/,каде што можат да се најдат повеќе  информации за активностите и промотивните материјали на кампањата, а заинтересираните можат и активно да се вклучат во неа. Покрај кампањата на социјалните мрежи предвидени се и голем број активности во мултикултурни, рурални и урбани средини низ цела држава.

OhridNews