Оттаму информираа дека, рокот за достава на огревното дрво истекува на 20-ти овој месец. Проблемот постои поради зголемената динамика на работа, но и поради доцнењето на доставата, што е во надлежност на подружницата „Галичица“ при ЈП „Македонски Шуми“. „Доставата на дрва започна подоцна од предвиденото, а дури сега ги чувствуваме последиците. Од „Македонски Шуми“, согласно потпишаниот анекс, должни се до 20-ти ноември, да ги снабдат пензионерите со дрва.“ – изјави претседателот на здружението, Ѓорѓи Трпчевски.
Трпчевски нагласи дека здружението е во функција на посредувач, односно, ги собира парите за наплата, а потоа ги испраќа на сметка на подружницата „Галичица“. „Им овозможивме на оваа група граѓани, одложено плаќање на 10 рати. Проблем претставува немаштијата на граѓаните. Некои ги имаат исплатено ратите, а други се уште не платиле ниту пола. Има и такви, кои се снабдени со огревно дрво, но не го подмириле долгот. “ – додава Трпчевски.
Од здружението упатуваат апел до шумското претпријатие, да се заврши предвидената испорака. Исто така изразија жалење што за нив не важи предвидениот попуст за набавка на дрва. „Ги замолуваме од претпријатието, да имаат разбирање за пензионерите. Ние може ќе доцниме со плаќањето, но ќе го исполниме нашиот дел од договорот. Бидејќи сме регистрирано здружение, припаѓаме во групата на правни лица, кои не се опфатени со попустите на претпријатието. Упативме барање до владата, но од таму не упатија до „Македонски Шуми“, од каде не добивме никаков одговор “ – потенцира Трпчевски.
И покрај сите обиди, екипата на OhridNews не успеа да стапи во контакт со директорот на ЈП „Македонски Шуми“ – подружница „Галичица“ од Охрид, кој како што ни беше кажано бил презафатен и не можел да издвои време за разговор со новинарите.