Оваа недела, од 14-ти до 20 ноември, Стартап Ма кедонија заедно со 60 партнери организира повеќе од 45 настани за поттикнување на претприемачко образование, инклузија, креирање јавни политики во екосистемот и градење и унапредување партнерства. Со овие настани, домашниот екосистем се вклучува во Глобалната недела на претприемништвото која оваа година го прославува својот 15-годишен јубилеј. Партнерите на Глобалната недела се претставници на приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор.

За координаторката на Глобалната недела на претприемништвото Симона Чаминска, оваа иницијатива претставува можност за позиционирање на македонскиот екосистем во глобални рамки.

Претставникот од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Дерек Фефер вели дека УСАИД поддржува програми кои го зголемуваат позитивниот придонес на младите во општеството.

Го поттикнуваме нивното колективно лидерство преку создавање партнерства кои поддржуваат економски можности привлечни за младите; зајакнување на нивните компетенции за работа, прогресивни кариери и граѓански живот. Младите не се само нашата иднина, туку и нашата сегашност, истакнува Фефер.

Според заменик амбасадорот на Швајцарија Лусиен Егертер, поддршката на младите мажи и жени претприемачи, како и градење функционални мрежи во кои тие ќе може да разменуваат идеи и искуства се главните двигатели за силна и отпорна економија.

Ова всушност е и целта кон која Швајцарија заедно со Владата, приватниот сектор и другите развојни партнери, го поддржуваат стартап екосистемот во Северна Македонија уште од 2015-та година, напоменува Егертер.

Лидерот на проектот ЕУ за економски развој на Федералното министерство за економски прашања и климатска акција од Германско друштво за меѓународна соработка, Марк Берет укажува на важноста на ваквите иницијативи за екосистемот, како и на важноста од развивањето т.н. зелени технологии кои во денешни услови стануваат се поважни за бизнисите.

Релевантноста на добро поврзаниот екосистем и силната соработка меѓу сите засегнати страни за постигнување на голем успех, ја потенцира претседателот на Стартап Македонија, Игор Маџов.

OhridNews