– Глобалните климатски промени се одразуваат и на Охридското Езеро. Еден од показателите за тоа е и оваа реакција на пастрмката, која оваа година, како и минатата, подоцна приоѓа кон природните мрестилишта, изјави за OhridNews, Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод.
Научниците ги загрижува и опаѓањето на бројноста на рибниот фонд на пастрмка, за што најголема вина има човекот, кој и покрај забраната продолжува незаконски и неселективно да ја лови оваа риба, со што се намалува нејзиниот природен прираст.
-Секоја година во последните години го порибуваме Охридското Езеро со 3 до 3,5 милиони одгледан подмладок на пастрмка, но неоставајќи ги да дочекаат полова зрелост, што кај пастрмката се јавува во четвртата и петата година од животот, се ловат маломерни единки, што е најголема причина за намалување на репродуктивниот потенцијал на пастрмката, истакна Спиркоски.
Спиркоски посочува дека доколку драстично и брзо не се промени свеста кај луѓето и не се преземат конкретни мерки за заштита на рибниот фонд на пастрмката, постои голема опасност таа да исчезне од Охридското Езеро, што ќе има несогледливи последици врз целокупниот екосистем.
-Луѓето треба да сфатат дека ова езеро не е неисцрпно, дека популацијата на пастрмката не е неисцрпна, дека сме на границата на нејзината повратливост, а со самото тоа и до големи промени кои што негативно ќе се одразат на Охридското Езеро, вели Спиркоски.
Хидробиолошкиот завод од 2005 година врши риболов за потребите на вештачкиот мрест на пастрмка во Охридското Езеро, кој започнува на 21 јануари и трае до март. И покрај неповолните влијанија до сега се собрани 1 милион и 800 илјади зрна икра, а научниците се оптимисти дека до крајот на сезоната на мрест ќе се соберат 3- 3,5 милиони зрна икра, што е доволно да се задржи потребниот оптимум на порибување. Но, вештачкииот мрест и натаму ќе нема вистински ефект, доколку човекот продолжи неконтролирано да ја изловува пастрмката, предупредуваат научниците.