Фирмите кои во изминатата 2012 година извршиле исплата на приходи на физички лица/граѓани имаат обврска, најдоцна до 15 февруари 2013 година, да поднесат Годишен извештај за исплатените приходи до даночните канцеларии на УЈП или по електронски пат преку системот е-Даноци, информираат од управата за јавни приходи.

Во годишниот извештај, фирмите ги пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход и придонесите, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од игри на среќа и други наградни игри и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.

Фирмите кои вршеле исплати по горенаведените основи, на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2012 година. Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на фирмата како исплатувач на приходот, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персонален данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.

Доколку до 15 февруари, фирмите не поднесат Годишен извештај , како и на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2012 година, законот предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата, ќе му биде исречена глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност.

OhridNews