– 2012-та година ми е најуспешна година во мојата професионална кариера. Неприкосновено ја одбранив титулата во средна категорија, а ја освоив и титулата државен првак. Потоа ја претставував Македонија на Светското првенство каде што забележавме инзводредни резултати. Од моите успеси годинава јас сум презадоволен, а верувам дека и останатиот дел луѓето кои ме познаваат се задоволни од моите достигнувања – посочи охридскиот боди билдер, Гоце Мојсоски.
Бодибилдингот како спорт бара многу влог и време. Затоа поголемото време од денот Мојсоски го поминува во вежбалната “Фит Форм“ која е во негова сопственост.
– Еден ден на професионален бодибилдер изгледа доста динамично. Исхраната и волјата се движечката сила на еден бодибилдер. Денот започнува со утрински тренинг на празен стомак, бидејќи тогаш тренингот е најефикасен. После одреден период тренингот продолжува со тегови, а завршува навечер со полесни вежби – рече Мојсоски.
Охриѓанецот Мојсоски желбата и волјата за макотрпната работа и одличните резултати ја црпи од своите најблиски, а целите во 2013-та година се поголеми од 2012-та.
– Плановите пред почетокот на годината се секогаш големи. Ќе има уште успеси и медали кои ќе се потрудам да ги донесам во Охрид. Јас го правам тоа на најдобар можен начин, но никој во градот и државата нема слух за тоа што го работам и се откажувам како млад човек – посочи Мојсоски.
Бронзениот бодибилдер од Светсткото првенство во Порторож, Мојсоски на младите им порачува повеќето од слободното време да го поминуваат во вежбална или на некое друго спортстко игралиште.