Туристичките потенцијали на Република Македонија се дел Саемот за туризам „EMITT“ кој од 28-ми до 31-ви јануари 2016 година, се одржува во Истанбул, Турција. Оваа престижна саемска манифестација се организира по 20-ти пат, а на неа годинава ќе се претстават околу 70 земји од целиот свет.

-Македонска делегација како и во текот на сите изминати години, така и оваа, со дизајнот на штандот прилагоден за интересот на Турците привлече огромен број на посетители уште првиот ден. Акцент на саемот во Турција се стави на посетата на г-дин Недрет Апајдин, провинциски директор на Истанбул во Министерството за култура и туризам на Република Турција и неговите пофални зборови за соработката на овие две земји и потенцијалот за продлабочување на истата, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Оттаму изразија очекување дека годинава ќе има зголемен број на туристи од Турција, споредено со претходните години.

-Зголемувањето на бројот на ноќи е право пропорционален со растот на бројот на туристи од Турција и за разлика од минатата година е покачен за над 40%. Приватниот сектор на Турција очекува годинава зголемен интерес за Македонија, а со тоа и бројот на туристи од Турција да доживее драстичен пораст, потенцираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во рамки на саемските активности биле остварени и конструктивни средби на кои се разгледувала можноста за соработка со тур-операторите „Анитур“ и „Татилстил“, но и со претставници на ТАВ аеродромите и туристичките организации на Црна Гора, Србија и Турција.

OhridNews