Љубителите на театарската уметност од Охрид, во текот на оваа година ќе имаат можност да погледнат три театарски премиери, кои ќе ги подготви и изведе актерскиот ансамбал на охридскиот Народен театар.

Според Годишната програма на Министерството за култура за 2015 година ќе бидат одобрени средства за реализирање на претставите „Други места“ од авторот Харолд Пинтер во режија Нела Витошевиќ  и „Бегство“ од авторот Михаил Булгаков во режија Драгана Танеска. Охридскиот театар во текот на оваа година ќе го подготви и театарскиот перформанс „Псалми“ кој е авторски проект на Горан Трајкоски.

Инаку во текот на изминатата година охридските актери премиерно ги изведоа претставите „Детектор за лаги“ по текст на Василиј Сигарев, во режија на Ненад Витанов и „На дното“ по текст од Максим Горки, а во режија на Кирил Петрески. Исто така беше реализирана и детската претстава „Пат околу светот“ во режија на Драгана Танеска.

OhridNews