После четири години, членовите на студиото за танц „Соната“ од Охрид се враќаат онаму каде што припаѓаат – на сцена.  Утре на малата сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се организираат два концерти. Претпремиерата е закажана за 18:00 часот, а премиерата од 20:00 часот.

На годишниот концерт ќе се претстават сите оние кои изминатиов период напорно работеа и навлегуваа во тајните на класичниот балет, современиот танц, латино танците и хипхопот. Тоа се оние кои изминатиов период тивко, но во исто време гордо го претставуваа Охрид на меѓународни натпревари и секогаш се закитуваа со медали, велат од „Соната.

Билетите ќе бидат достапни денес, 14-ти јуни и ќе можат да се набават во просториите на студиото за танц „Соната“ што се наоѓа кај старата автобуска станица, веднаш до дирекцијата на Ремис, во периодот од 19:00 до 21:00 часот.

Билет за две лица за претпремиера чини 300 денари и истиот е наменет за едно полнолетно и едно малолетно лице или за две малолетни лица. Билет за едно лице за премиера чини 250 денари. Секој билет овозможува попуст од 2000 денари за упис во периодот од 25.06.2023 до 05.09.2023. Бројот на билети, потенцираат е ограничен и истите се нумерирани со ред и седиште и се однесуваат единствено за означеното место, а дополнителни информации може да се добијат на 078/362-484, додаваат од „Соната“.

Во пресрет на следната танцова сезона која започнува од 1-ви септември, а во која од „Соната“ најавуваат многу патувања, натпревари и концерти, ги покануваат сите оние кои сакаат да уживаат во една уникатна мултимедијална претстава која изобилува со неверојатни светлосни ефекти, филм , музика и секако – ТАНЦ!

OhridNews