На годишно ниво, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, се иселуваат по 5.000 граѓани, тврдат пратениците од владејачката партија, додека опозициските пратеници сметаат дека тие бројки не се точни, затоа што се однесуваат на оние кои трајно се отселиле, а не и на оние кои се на привремен престој.

Во Собранието денес продолжи дебатата по Информацијата за иселувањето, особено на младите луѓе предложена од опозицијата.

Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска. посочи на бројките на иселени лица од Македонија, на оние кои зеле бугарски пасоши и праша за колку ќе се зголеми овој број имајќи ги предвид новите политики на Бугарија каде од септември, само со една изјава ќе може да се аплицира за нивно државјанство. Бројките кои ги презентира владејачкото мнозинство, според неа не се точни, бидејќи статистика ги бележи само оние кои трајно се иселиле, но не и оние кои привремено се иселиле, а се знае дека и тие нема да се вратат да живеат во земјата. Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека трендот на иселување од Македонија се намалува. Најголем број бугарски пасоши биле земени меѓу 2002 и 2008 година.

Пратениците од владејачкото мнозинство тврдат дека бројките на миграција се намалуваат за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тие на годишно ниво изнесуваат во просек околу 5.000 лица, што според нив е резултат на правилните политики на актуелната Влада. Опозицијата тврди дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со бројки и ги кажува оние од 2004 година, додека просечната бројка, на иселени на годишно ниво во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е околу 12.000, и оти заминуваат најобразованите.

Пратеникот Влатко Ѓорчев, од ВМРО-ДПМНЕ смета дека главна причина со децении и векови за иселување на Македонците, се економските причини или политичките фактори односно комунистичкиот прогон.

Алим Билали од ВМРО-ДПМНЕ изнесе  бројки за иселени државјани на Македонија во Италија, па така до 2003 година во оваа држава биле иселени 34.019 државјани на Македонија, до крајот на 2006-та година 74.162, додека до 1 јануари 2015-та 77.703 лица.

OhridNews

извор Макфакс