Македонскиот претставник Ѓоко Танески, не успеа да избори пласман во финалето на Евросонг 2010 што се одржува во Осло – Норвешка . Иако имаше впечатлив настап на првата полуфинална вечер, Ѓоко не влезе меѓу првите 10, што ќе настапат во големото финале на 29-ти мај.

Најмногу гласови од телевоутингот и од стручното жири во првото полуфинале добија Босна и Херцеговина, Молдавија, Русија, Грција, Португалија, Белорусија, Србија, Албанија и Исланд. Уште десет учесници во големото финале ќе бидат познати на 27-ми мај кога ќе се одржи второто полуфинале, додека директен пласман на завршната вечер обезбедија Велика Британија, Шпанија, Германија, Франција и домаќинот Норвешка.

Можеби најдобар одговор за неуспехот на Македонија даде водителката на МРТВ, кој на крајот од директниот пренос од Осло истакна дека за подобар резултат потребно е да се смени пристапот кон Евросонг од страна на националната телевизија,  а исто така потребна е вистинска поддршка од новинарите и лобирање. Ѓоко, како и речиси сите наши претставници на Евросонг беше испратен со многу критики, без вистинска поддршка и стратегија. Јавноста и медиумите во земјава повеќе ги интересираа гафовите и зајадливите коментари на “загрижените“ фанови на интернет порталите отколку што се создаде атмосфера неопходна за добар настап и успех. Неуспехот на Ѓоко Танески во Осло е неуспех на Македонија, како што тоа беше и минатата година кога „Некст тајм“ исто така не влегоа во финалето, како и кога Тамара, Врчак и Гаџа извисија во Белград и.т.н. Ако е за утеха, настапот на Ѓоко, Дамјан и останатите од македонската екипа беше на високо ниво.

OhridNews