Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го совлада Шпанецот Рафаел Надал во финалето на АТП турнирот во Пекинг. Ѓоковиќ за 87 минути триумфираше со 6:3 и 6:4. Победникот имаше извонреден прв сервис со процент на реализација над 70 проценти на што Надал едноставно немаше одговор.
-Денеска пред себе имав исклучителен противник, рече Надал по натпреварот, честитајќи му ја победата на големиот ривал.
Сепак Шпанецот може да биде задоволен затоа што од утре го презема првото место на АТП листата, на кое доаѓа по одличните игри оваа сезона.
-Рафа заслужува да биде прв на АТП листата затоа што игра најдобро оваа сезона, изјави по мечот Ѓоковиќ.
OhridNews