Ова го заклучи најновата анализа „Медиумско огледало“, посветена на известувањето на медиумите на тема „Парламентарни избори 2011“.
„Медиумите се појавуваат како известувачи на партиските активности, на ниво на појава без подлабоко навлегување во суштинските политички прашања. Се покрива кампањата, но не и политичката понуда. Медиумите сами себе си се поставиле како пасивен актер што не креира агенда, туку ја следи и ја коментира агендата на политичките партии“, рече Билјана Бејкова, директор на НВО инфоцентарот, кој ја презентираше анализата.
Суштинските теми како што се НАТО/ЕУ, спорот со името, економијата, според оваа анализа, имале речиси незабележителна застапеност во тематската структура на медиумите. Најмногу биле застапени темите поврзани со изборните активности. Високото ниво на прилози посветени на можното изборно насилство создавале тензична атмосфера и загриженост за регуларноста на изборниот процес.
„Владините институции и владините претставници врз себе преземаат речиси половина од товарот на изборната кампања. Тие ги компензираат партиите на власт и создаваат дисбаланс на присуството во медиумите, во полза на владејачките партии. Ова исто така, укажува на висок степен на слеаност на владејачките партии со државните институции. Државната изборна комисија и Советот за радиодифузија се многу малку застапени меѓу изворите на информации што укажува на незаинтересираност на медиумите за самиот изборен процес и префрлање на тежиштето на партискиот предизборен натпревар“, се вели во „Медиумското огледало“.
Анализата покажува дека медиумите им посветуваат големо внимание на овие предвремени Парламентарни избори. Ако во 2008 година неколку дена пред и по започнувањето на изборната кампања, интензитетот на објавени новинарски прилози поврзани со изборите бил во просек 66 прилози дневно, годинава, тој просек изнесува дури 116 прилози.
ЗНМ: Медиумите непрофесионално ја следат кампањата
„Недозволиво е новинарите да напаѓаат новинари како што се случува во оваа предизборна кампања. Тоа е спротивно на Кодексот на новинарите, а во исто време го нарушува угледот на целата професија“, сои во соопштението.
ЗНМ повторно ги повика колегите да се воздржат од меѓусебни дисквалификации и да се придржуваат до основните професионални начела и етика.
„Изборите за партиите се клучни за освојување на власта, но за новинарите следењето на изборите е само дел од нивната секојдневна работа. Потсетуваме дека после изборите меѓу партиите ќе има победници или губитници, а новинарите треба да останат новинари“, се укажува во соопштението на ЗНМ.
извор: „Макфакс