Голем број на граѓани денеска во Скопје одржаа протест поради зачестеното насилство над бездомните животни, пренесува „Макфакс“. Според организаторите на протестот, населението во земјава со години е сведок на вакви напади над бездомните животни.

„Има труење и малтретирање на животните и сметаме дека сега повторно е време да се реагира затоа што труењето добива преголем замав, а имаше и неколку напади на кучиња. Труењето се јавува во многу делови од државата, а не само во Скопје, што укажува на тоа дека се работи за организирани акции на труење. Тоа е спротивно на Кривичниот закон и Законот за благосостојба на животните. Тоа преставува проблем за сите, и за луѓето, и за животните, и за животната средина“, рече Анета Дарковска, еден од организаторите на настанот.

„Затоа апелираме институциите да реагираат и да се погрижат да се почитува законот и да се казнат сторителите, а со тоа да спречиме и поголема трагедија затоа што може и некое дете да се отруе во иднина“, додаде Дарковска.

На протестот својот револт го искажаа и многу граѓани, кои присуствуваа заедно со своите домашни миленици.

„Сметам дека ова што се случува низ градовите е убиство , не е фер невини жртви да страдаат. Државата треба да се грижи за животните, и тие имаат право на живот исто како и луѓето. Тоа што државата не вложува ниту еден денар за тоа да се среди е трагично. Тука сум за да направам промена во општеството и за да престанат насекаде да се продаваат недозволени отрови“, вели Снежана, една од присустните на протестот.

Како превентивни мерки на заштита здружението предложува масовна стерилизација, а не масовна елиминација на животните, потоа забрана на слободната продажба на отрови, полиција за животни, како и казна затвор за насилниците.

OhridNews
извор: „Макфакс“