Охрид има потреба од прифатен центар каде ќе бидат згрижувани бездомници, чиј број значително е зголемен во летниот период, како и на ранливите групи граѓани, кои покрај покрив над глава таму би добивале здравствени и други соодветни услуги. Со тоа, сметаат стручните лица, ќе се заштити и локалното население, кое е изложено на опасност од разни зарази бидејќи голем дел од бездомните лица немаат ни минимални услови за хигиена и не се под лекарски надзор.
– Што е најголема иронија и трагедија овде во Охрид постојат голем броj објекти кои така зјаат празни, а имаат услови, има кревети внатре и слично и можат малку да се преуредат и средат за таа намена. Тука е и специјалната детска болница, плановите за неа секоја чест, но секојдневно луѓето имаат потреба од згрижување, ако не тaму има магацински простори милион. Ние имаме и опрема и капацитетите за згрижување на тие лица.- вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
Сашо Точков
Во Охрид постојат дневни центри за згрижување на лица со посебни потреби, на даватели на сексуални услуги и за зависници од дрога и нивните семејства, но недостига двеневен центар за згрижување на ранливите категории граѓани, за што одговорност треба да покаже пошироката локална заедница, укажуваат од Центарот за социјална работа.
-Лицата од ризичните категории не може да бидат предмет на работа само на една институција, и ништо не може да се постигне без анимирање на пошироката заедница, односно на локалната самоуправа, граѓаните, како и на правни и физички лица кои можат да дадат помош. Дефинитивно соработката мора да се зголеми и прошири.-истакна Екрем Каљоши – директор на Центарот за социјална работа.
Екрем Каљоши
Од Центарот за социјална работа посочуваат дека согласно законот, локалната самоуправа во иднина ќе треба да преземе дел од обврските од областа на социјалната заштита, што меѓу другото вклучува и изградба на соодветен дневен центар за згрижување на ранливите категории граѓани, како и Дом за грижа на стари лица.
Г.М.