Асфлатирање и изградба на улици и патишта во речиси сите охридски села предвидуваат општинските локални власти во рамки на ,,Развојната програма за изградба и реконструкција на локални патишта и улици за периодот од 2014 до 2016 година”.

Со средства од Буџетот на Општина Охрид, нови и асфалтирани улици треба да добијат селата Орман, Свиништа, Опеница, Куратица, Рача, Трпејца, Љубаништа, Коњско, Елшани, Подмоље, Ливоишта, Велгошти, Пештани и Лескоец. Во рамки на буџетската програма планирано е да се обезбедат и средства за изградба и асфалтирање на улици во населбите ,,Елешец’’, „Св.Стефан“ и ,,Лагадин’’. Исто така планирано е да се изврши рехабилитација на локалниот пат од месноста ,,Прентов мост’’ до село Куратица, како и рехабилитација на локалните патишта за селата Свиништа, Рамне и Завој.

Преку реализација на проекти од Агенцијата за рурален развој, Општина Охрид планира да изврши реконструкција и изградба на локалниот пат од село Вапила до село Сирула и да ги реконструира улиците во село Косел.

Со средства кои ќе бидат обезбедени од Светска банка, во рамки на програмата за локални патишта и улици, ќе бидат изградени кружните раскрсници на Булевар Туристичка, на пресекот со улица Бистрица и кај Охридска банка. Исто така со помош на овие средства ќе биде извршена и реконструкција на локалниот пат од бензиската пумпа „Билјанини извори“ до селото Велестово, а ќе биде обновен и патниот  правец од село Косел до село Ливоишта.

Преку кредит на Агенцијата за државни патишта, планирано е да се изврши рехабилитација на локалниот пат од автокампот „Елешец“ до селото Елшани и реконструкција  на локалниот  пат од селото Долно Лакочереј до селото Горно Лакочереј.

OhridNews