Иако традицијата говори дека охриѓани во последните денови пред новогодишните празници одлучуваат каде ќе ја прослават „најлудата“ ноќ, сепак охридските туристички агенции информираат дека уште отсега кај граѓаните постои голем интерес за поволните аранжмани кои се нудат за зимскиот период.

Од туристичката агенција „Вис Пој“, информираат дека како и минатите години, најбарани дестинации за новогодишните празници се оние со автобуско поаѓање од Охрид и Битола.

Тоа се аранжманите за Истанбул, Будимпешта, Виена и Рим кои се нудат по доста прифатливи цени. Исклучени не се ниту авионските аранжмани кон Дубаи, Париз, Москва, но интересот за нив е помал бидејќи се поскапи. Исто така, голем дел од нашите сограѓани се одлучуваат новогодишните празници да ги спојат со зимскиот одмор, а слободното време да го поминат во бугарски ски-центри Банско, Пампорово и Боровец, односно во Србија на Копаоник.“ – вели Јаким Маленко, од Туристичката агенција „Вис Пој“.

Дека охриѓани пројавуваат интерес за новогодишните пакет-аранжмани за Виена, Прага и Будимпешта, говорат податоците на Туристичката агенција „Елида Турс“.

Најбарни дестинации за нова година се оние кои се со поаѓање од Охрид. Тоа се автобуски аранжмани, а како најбарани се Виена со комплетна програма, Прага и Будимпешта-Виена. Интерес има за Истанбул и Атина, односно дочек на нова година на плоштадот во грчкиот главен град. За Виена, цената за 2 ноќевања изнесува 8650 денари, Истанбул 6990 денари, додека три ноќевања за пакетот Будимпешта-Виена чини 10 300 денари. Покрај овие, нашата агенција нуди повеќе аранжмани со авионски превоз, како Дубаи, Израел, Милано, а оваа година имаме една нова дестинација Берлин.“ – вели Елида Битрак, од Туристичката агенција „Елида Турс“.

Оттаму информираат дека охриѓани се почесто се одлучуваат да ги искористат големите попусти за рана резервација, за аранжманите во текот на зимскиот период.

Доста атрактивни се бугарските центри Банско и Боровец, а нашата агенција нуди големи попусти за рана резервација и до 20 отсто, кои за хотел Катарино Спа важат до 20-ти јануари. Доста намалување во цената има хотелот Рила на Боровец. Нудиме комплетни пакети со вклучена ски-карта, учител и изнајмување опрема. Интересот е помал за центрите во Италија, Австрија и Словенија, но очекување дека истиот ќе се зголеми во периодот кој претстои.“ – информираат од ТА „Елида Турс“.

Во зимскиот период, најатрактивни дестинации за охриѓани се Банско, Боровец, Пампорово и Копаоник, а уште отсега доста интерес постои за спа-центрите во Сандаски.

Бугарските ски-центри како и секоја година нудат доста квалитетни понуди со прифатливи цени. Во одредени термини, аранжманите чинат од 25 евра полупансион во хотел со 4 ѕвезди. Тука се зимските центри во Италија, Австрија и Србија, но интересот е послаб поради економската моќ на населението. Сепак, нашите сограѓани се одлучуваат за поблиските дестинации со поприфатливи цени за сечиј џеб.“ – информираат од ТА „Вис Пој“.

И хотелите од охридскиот регион имаат оформено пакет аранжмани кои се испратени до партнерите во странство. Најавени се предрезервации од соседните земји, но има и индивидуални патувања од Европската Унија.

O.T.