До охридската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до сега се поднесени 300 барања од страна на охридските корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, кои сакаат да ја искористат понудената услуга од страна на министерството.
Како што информира раководителот на охридската филијала, Самет Ризвани, интересот и оваа година е голем и се очекува до крајот на рокот за пријавување интерес да покажат околу 400 лица.
Како што се потенцира од надлежното министерство, услугата може да се користи еднаш, во период од 19 март до 30 ноември 2012 година, во траење од 7 дена. Одобрениот термин за користење на услугата не може да се менува, освен доколку постои спреченост поради болест.
За користење на бањско климатската рекреација потребно е да се поднесе барање до Подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањата можат да се поднесат до 15 февруари 2012 година.
По завршување на постапката Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе го известат подносителот на барањето за установата во којашто ќе биде упатен и периодот на користењето на услугата.
Лицата–корисници на пензија коишто во 2010 и 2011 година добиле право да користат бањско климатска рекреација не може да ја користат оваа услуга и во 2012 година.