Со надеж дека ќе најдат вработување или ќе остварат контакт со некој потенцијален работодавач, голем број невработени охриѓани, студенти и ученици денеска го посетија првиот Саем за вработување, кој се одржа во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ во Охрид.
На оваа саемска манифестација, која ја организираше Агенцијата за вработување на Република Македонија се претставија повеќе од 70 компании од Охрид, Струга, Кичево и Македонски Брод.
-Караванот Саеми за вработување во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија има за цел да ги доближи понудата и побарувачката на труд, со што се влијае како на информираноста на граѓаните за можностите за кариера, така и за увидот кој компаниите го прават на пазарот на труд. Се надевам дека овој саем ќе им овозможи на компаниите да најдат доволно вработени кои што им требаат, а невработените кои бараат работа ќе најдат слободно место за да се вработат, вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев очекува саемот за вработување да придонесе за намалување на невработеноста.
-Оваа манифестација дава можност од една страна да се спојат компаниите со невработените и со делот на студентската популација. Јас се надевам дека ќе одговори и на голем број прашања поврзани со идните занимања на студентите во Република Македонија, рече Јанев.
Тој истакна дека општина Охрид е подготвена да ја помогне доедукацијата или доквалификацијата на сите оние потребни профили кои се дефицитарни на пазарот за труд во Охридскиот регион.
Раководителот на Центарот за вработување во Охрид Јован Баткоски смета дека саемот освен тоа што ќе ги поврзе работодавачите и невработените лица, ќе ги насочи младите во понатамошниот процес на образвование.
-Присутни се млади луѓе од завршните класови на основните и средните училишта кои на лице место се запознаваат со дејноста на фирмите и потребата од профили во нив, така што ова е почетна фаза во која младите можат да се одлучат, да се ориентираат за нивното занимање од кое ќе обезбедуваат егзистенција. Овој саем помага да се утврдат и евентруалните бариери кои стојат кај работодавачите во вршењето на нивниот бизнис како и одредени грешки што постојат помеѓу сферата на образованието и сферата бизнисот, рече Баткоски.
Тој информираше дека во Охрид во моментов се евидентирани околу 3700 лица кои активно бараат работа и дека во последниот период не е забележан значителен пораст на невработените.
Е.М