
Концертот кој ќе започне во 22 часот, најавен како спектакл, со многу музичари, и гости на сцена ќе преставува и промоција на албумот на групата,Љубојна brass fantasy. Публиката на бесплатниот концерт на етноџез-составот ќе може да ужива во познатите песни меѓу кои и „Твојте очи Лено“, „Мори чупи костурчанки“, „Крена Мартината“ и други.
-Не постои поубава и повесела музика од онаа која што ја носиш во срцето“. Љубојна brass fantasy ја пренесува оваа порака до секој негов слушател. Преку продорниот и лиричен звук на познатите егејски брас оркестри, допира до сечија душа, онака енергично, но и боемски меланхолично. Музиката по карактер е “севда”. Антологија на најпопуларните љубовни бисери која сведочи за радоста на едно медитеранско поднебје (Јужна или Егејска Македонија-денешна Северна Грција), исполнувајќи го секој празничен ден на Македонците кои живееле тука до средината на минатиот век. Грција прокламирајќи национална “чистота”, колку што успева овие места и луѓе да ги збрише од оваа територија (живо присутни до последната педа на овој дел од Македонија), толку повеќе и остава простор на музиката, како единствена преживеана духовна нишка, да расте со немерливи размери.
-За жал ние ја познаваме како “музика од зад границата”. Богатството од измешаните континентални и морски влијанија и дваат рафиниран слатко-солен вкус на оваа музика меѓу Истокот и Западот. Испреплетените нерамноделни ритмови, типични воопшто за македонската музика, ја доближуваат до мало-азиско, афричкото тло. Го има “грувот” на балканска музика, но музичката боја на Македонија во која се впиени силни снопови од сончеви зраци. Пулсира и маршира, небаре оркестрите од Њу Орлеанс, во еден медитерански манир, на воено и љубовно, и кафеански и химнично. Ве разигрува со истата свежина и енергија, исто како што во минатото ги “разигрувала” улиците за време на свечените и свадбените денови, велат членовите на Љубојна.
Младиот струмичанец Џамбо Агушев, кој ја има тутулата „прва труба на
светот“, ќе биде гостин на концертот а програмата ќе биде збогатена и со
настап на играорците од КУД Илинден од Битола.
Влезот за големиот концерт на Љубојна e бесплатен.











