Македонска академија на науките и уметностите и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, од средината на наредната недела, организираат Научен собир на тема: „Охрид и Балканот, археолошки погледи”.

Со учество на еминентни научни работници од земјата и светот, собирот ќе се одржи на 4 и 5 октомври, во Куќата Уранија (МАНУ) во Охрид , а повод е 80-тиот роденден на академик Вера Битракова Грозданова. Битракова е првиот експерт на балканските простори за Десаретија, регионот на Охрид и Преспа, посебно за островите Голем Град и Свети Ахил.

Академик Георги Старделов, за Битракова ќе каже: „истражувач од Колумбовски вид, таа Десарети ја открива како –Западна порта на антиката, без неа–Гетеовски кажано: немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата времето и просторот. Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето, од ‘Еурека’ на Архимед до современиот Фуко“.

На собирот ќе земат учество еминетни научници и од Македонија, меѓу кои Валентина Тодороска, Драги Митрески, Александра Папазоска и Паско Кузман, кои акцент ќе стават на културно-историскиото наследство во Охрид и охридско.

Меѓу другото, предвидени се предавања за древните некрополи во Охрид, со посебен нагласок на Самуиловите крепости, културно-историските аспекти на пронајдените фигурини од времето на Македонското кралство, класичната стаклена иконографија од времето на Хеленска Македонија, социо-културните аспекти на женската мода во Римска Јужна Панонија.

Веле Митаноски