Агенцијата за катастар на недвижности го издаде извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодот од 01.03.2017 до 30.06. 2017 година, односно за вториот квартал на оваа година. Во овој период во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 3.005 трансакции. Најмногу трансакции се регистрирани во месец Јуни, кога во Регистарот се впишани 1.513 трансакции, додека најмал број на трансакции се регистрирани во месец Мај само 716. Од севкупниот број на трансакции со недвижности 59% се однесуваат на продажби, 32% на закупи, 7% на продажби од инвеститор и 2% на откупи од Република Македонија.
Во општина Охрид се бележи голем пад на цената на становите, па така во првиот квартал од 2017 година цената за метар квадратен изнесувала 45.308 денари, за во вториот квартал од оваа година истата да изнесува 37.324 денари.
Заклучокот од извештајот е дека има многу мало зголемување на активностите на пазарот со недвижности во овој квартал по огромното намалување на активностите кое е регистрирано во последниот квартал од 2016 и првиот квартал од 2017 година, кое пред се се должи на поволните каматни стапки на комерцијалните банки и падот на цените на становите. Исто така во овој квартал може да се забележи голем пад на цените на продажбите и закупите на становите во голем број на општини во Република Македонија.
Истовремено, бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот континуирано расте, со што ја задоволува побарувачката на станови и во моментот има доволна залиха на новоизградени станови, доколку побарувачката се зголеми. Доколку условите на пазарот на недвижности останат исти подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекуваблаг пад и стабилизација на цените на недвижностите во одредени општини, пред се поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови.
OhridNews












