Вкупното годишно остварување на сите програми во општинскиот буџет за 2022 година изнесува 96,88%, што е за 24% поголемо од остварувањето во 2021 година беше потенцирано од страна на владејачкото мнозинство на одржаната дваесет и петта седница на Советот на Општина Охрид. Сепак од опозицијата реагираат буџетот не е толку совршен колку што се претставува, споменувајќи ги притоа и нереализираните капитални проекти.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска вели буџетот за 2022 година има поголеми приходи во однос на 2021 година во износ од 100 милиони денари.

Оваа разлика во најголем дел, во однос на споредувањето на приходите, е промената во однос на пресметување на данокот кадe има околу 240 милиони денари, а и комуналиите со легализацијата на ДУП-от од Бејбунар. Но, исто така, факт е и дека од жиро сметката на Општината се одземени над 50 милиони денари по основ на извршни решенија. На крајот на 2021 година кога се усвојуваше овој буџет беше најавено дека Локалната власт ќе има стремеж истиот да го реализира со висок процент над 93 отсто. Но, тогаш буџетот кој што се усвојуваше содржеше капитални инвестиции, а овој буџет сега е различен од тој кој беше усвоен по основ на структурата, затоа што се правеа ребаланси. Кога ги разгледував програмите посебно за комунална дејност приметив толку воочлива совршена прецизност, што создава недоверба и сомнежи, бидејќи за првпат гледаме програми каде ставките една по една во континуитет се колку планирани, толку и реализирани средства. Дали се работи за една толкава прецизност или се работи за нешто друго? – праша Ангелоска.

Посочува дека во Програмата за туризам паѓа во очи и, како што реше, жално е што како најглавни проекти се евиденцијата и категоризиацијата на станоиздавачи од мал обем и поставување на хотспот интернет. Додава дека ќе беше добро да се прочита дека се реализирани Адреналинскиот парк, дека во завршна фаза е Памп траката, дека за брзо ќе отпочне градскиот систем за велосипеди во Програмата на ЛЕР.

Затоа, пак, ја поддржувам програмата за ЛЕР каде за првпат гледаме проекти вредни за спомнување меѓу нив изградба на игралиште за голф, набавка на специјално возила за потребите на ЈП „Нискоградба“, како и изработка на проектно-техничката документација за патот Лескоец-Горно и Долно Лакочереј, реконструкцијата на „Марко Цепенков“… Би било добро доколку и во иднина имаме ваква програма за ЛЕР. Програмата за ТППЕ Охрид секогаш ја поддржуваме исто како и кога се носеше овој буџет. Помпезно се најавуваше дека ќе бидат издвоени 9 милиони денари, но сега се 4 милиони и 300 илјади денари за таа намена. Сега на крај се  5 милиони денари помалку. Ова е доказ дека не е баш така лесно кога ќе планираш, па се до реализирање. Во однос на програмите за образование ги поддржуваме секогаш, но споредбено со 2021 година ќе беше може добро и сега да беше посочено зошто не беа реализирани дел од активностите. Програмите се производ на тие што ги изработуваат, а буџетот не е толку совршен колку што сака да биде претставен, вели Ангелоска.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски вели остварувањето на основниот буџет во 2022 година е за 18% поголемо во споредба со остварувањето во 2021 година, додека остварувањето на вкупниот буџет е за 10% поголем споредбено со 2021 година.

Вкупното годишно остварување на сите програми е 96,88% и тоа е за 24% поголемо од остварувањето во 2021 година. Над 90% се програми со над 80% на реализација. Програми кои во 2021 година имале нула процент на реализација сега имаат 100%. И покрај затекнатиот долг од речиси 860 милиони денари се гледа високата реализација на успешност, а и долгот се намали за 202 милиони денари. Спречена е лошата финансиска состојба во образованието, со тоа што се сервисирани сите заостанати долгови на училиштата и се подобрени условите, обезбедена е и поддршка на ученици, ангажирање на образовни асистенти…. Во однос на спортот, организацијата на Охрискиот пливачки маратон, потоа поддршка на проекти за промоција на туристички потенцијали, културно и природно наследство, асфалтирани и пополнети дупки на 33 улици, асфалтирани уллици со вкупна површина од 14 илјади метри квадратни, реализирани 18 проекти за изградба и реконструкција на водоводни линии, изградени се два резервоара за вода неопходни за граѓаните. За една година долговите кои беа затекнати се исплаќаат без да се генерираат нови, потенцираше Божиновски.

Тони Иваноски од надлежниот сектор при општината појасни дека ребалансот не може да се прикаже како механизам за формирање на резултатите од финансиското работење, од причина што во сите ребаланси кои се извршени во Општина Охрид не се намалени туку се зголемени износите.

Настаната е промена во структурата на активностите, но вкупниот износ на активности во тековната година со сите ребаланси е зголемена. Законската регулатива кај нас дозволува наплаќањето на буџетот со заплена на средства да се изврши во ставки каде се останати средства. Наша обврска на крајот на годината е средствата во износот на програмите да соодветствува со буџетот. Имаме ситуации каде што има 100 процентни реализации од тоа што се извршени дополнителни работи од ЈП-ја и ние не ги имаме допишано истите, бидејќи реализацијата ќе биде и повисока од 100%, вели Иваноски.

Додава дека капиталните проекти како „Крушевска Република“, „Гоце Делчев“, катната гаража се поврзани со одредени активности кои треба да се исполнат и на централно ниво и одобрение за нив не издава Секторот за урбанизам, туку се добива од Министерството за транспорт и врски, а веќе втора година за сите овие проекти нема добиено одобрение.

Н.С.Ј.