Неколку илјади граѓани од муслиманска вероисповед попладнево одржаа мирен протест во Струга, на кој беше осудено исмејувањето на исламот за време на овогодинешниот карневал во Вевчани.

На протестот се обрати струшкиот муфтија, Ферет Полиси кој во име на верниците побара јавно извинување од градоначалникот на Вевчани, затоа што не ги спречил антиисламските сценарија и затоа треба да поднесе неотповиклива оставка од функцијата.


Бараме од министерството за култура да не поддржува вакви манифестации, бидејќи одвоените средства се и наши пари. Не дозволуваме да се злоупотребуваат на ваков понижувачки начин, рече муфтијата Полиси.

Муфтијата истакна дека целта на протестот е да се искаже револт до  организаторите на вевчанскиот карневал со цел да се стпопираат ваквите испади.

На протестот се обрати и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, кој истакна дека Струга е мултиетнички, мултикултурен град и град на толеранција и дека во иднина нема да се дозволи вакви испади да ја нарушат хармонијата и добрите меѓуетнички односи. 

Протестот мина без проблеми, но можеа да се чујат навредливи пораки упатени кон Вевчани и христијаните. По завршување на протестот толпата мирно се разотиде.

OhridNews