Стружани уште еднаш ја докажаа својата хуманост. На голема аукциска продажба која викендов се одржа во организација на Локалната агенција за развој и клубот Сороптимист во ноќниот клуб Оаза во Струга, беа собрани средства кои се наменети за потребите на струшката детска градинка „8- ми март“.
– Акцијата е во рамки на проектот Филантропија- човекољубие на дело, а ја организираме со поддршка на Центарот за институционален развој од Скопје, програмата CIVICA MObilitas, невладините организации, како и Швајцарската агенција за развој. Се нудат лични предмети на познати стружани меѓу кои од фудбалерот Величе Шумуликоски, ракометарот Наумче Мојсовски, Артим Шаќири, кои присутните по пат на наддавање може да ги купат и со тоа ќе придонесат да се соберат средства за замена на азбестниот покрив во градинката „8- ми март“ и дограмата во објектот, вели Јасминка Поповска, директор на Локалната агенција за развој од Струга.
Присутните стружани и претставници на невладини организации имаа можност да учествуваат во тивката аукција со која беа опфатени 31 група на предмети и на гласното наддавање за предметите на познатите стружани.
– Свесни сме за економската состојба во која се наоѓаат граѓаните, но секој од нас има желба да помага, да донира, особено за вакви цели кога во прашање е подобрување на условите во кои се згрижени најмладите, потенцира Зоран Стојковски, извршниот директор на Центарот за институционален развој.
Собраните средства уште во текот на наредната недела ќе бидат доставени до градинката со цел што поскоро да започнат активностите за замена на покривот и дограмата во објектот.
Од клубот Сороптимист и ЛДА слични акции најавуваат и во наредниот период .
T.К.