Во рамки на своите активности за обезбедување на доволни количества крв и крвни продукти за потребите на пациентите во здравствените установи во Охрид, Црвен крст Охрид во соработка со Општина Охрид организира голема крводарителска акција, која под мотото „ОХРИД СПАСУВА ЖИВОТИ” ќе се реализира на 14.09.2013 г. (сабота) од 10-17 ч. на Градскиот плоштад во Охрид.

Црвениот крст ги поканува граѓаните да ја покажат својата хуманост и да даруваат крв. На секој крводарител, организаторот на акцијата ќе му возврати со должно внимание, благодарност и скромен подарок за сеќавање на хуманиот гест, велат од Црвениот крст.

Во рамки на оваа манифестација на платото пред споменикот на Св.Климент Охридски ќе биде одбележан и Светскиот ден на прва помош, 14 септември, со бројни активности и презентации на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид. Посетителите на овој настан ќе имаат единствена можност од инструкторите и едукаторите по прва помош на Црвен крст Охрид да добијат совети и практични обуки со вештините за укажување на прва помош во најразлични ситуации.

OhridNews