„ Илинденската вечер во Елшани” што по прв пат се организираше  викендов, за време на големиот празник, ќе остане запаметена по многубројните  спортски и културни настани, како и по фолк забавата која траеше до  доцна по полноќ.

Организаторите  успешно го реализираа замисленото со турнирот во мал фудбал на кој учество  зедоа  елшански , охридски и скопски  екипи   и за чие финале се обезбедија  голем број награди. Со  изложбата на фотографии во импровизираната галерија  кај Клајнецот, каде авторот Танче Ламбески   низ еден фото времеплов  ги потсети посетителите  на роднокрајните   елшански обичаи  и традиции, како и на елшанските и околните крајезерски и планински  убавини на  Елшани, чардакот  над Охридското Езеро.

На манифестацијата настапија фолк квартетот „Елшански мерак” ,  КУД “Филиграни” од Охрид, чии членови изведоа сплет од народни македонски песни и ора.

Вечерта  продолжи со  пригодна беседа во која  пред  преполниот плоштад се обрати Павел Донески, организатoр на манифестациjaта, како и  претседателот на МЗ Елшани, Игор Шоповски кои  ги пренесоа  пораките до сите присутни за негување на македонските и христијански обичаи , како  и за  намерата да се  изгради  ново  попривлечно и попросперитетно Еeлшани кое ќе биде неизбежен дел од  културната и туристичка понуда  на општина  Охрид и на Република Македонија .

Свој настап имаше и театарот “Скрб и утеха”, чиј актер и режисер Тихомир Стојаноски настапи со  повеќе сценски изведби  преку  македонските историски ликови Филип Втори, Самоил, Свети Наум, Ристо Шишков . Неговиот возбудлив  уметнички  настап кулминираше со  пораките и посланијата на светиот апостол Павле  и  други библиски пораки со кои  го привлече вниманието  на елшанската публика и  предизвика силен  аплауз на отворено.

На забавата која траеше до  раните утрински часови, настапи и младиот фолк пејач Спасе Матлиоски, придружуван од  музичкиот состав  „Форевербенд“.

Дим Дон