Вчера во просториите на УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид, официјално започна оддржувањето на „Недела на едукација за компјутерска наука“ на тема „Еден час по кодирање“.

Целта на настанот кој се организира на иницијатива на Студентскиот парламент при оваа високо-образовна институција, е запознавање на пошироката јавност со најновите технологии кои се составен дел од секојдневниот живот.

На овој начин сакаме да ги вклучиме сите граѓаните од шест годишна возраст па нагоре, да ги научат основите на комјутерското инженерство и неговите придобивки со надеж дека со тоа, младите ќе бидат мотивирани за понатамошно нивно надоградување.“ – вели Харун Бајрам, претседател на Студентскиот парламнет при УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

Тој потенцира дека заинтересираноста кај охриѓани за овој настан е голема уште на првиот ден од предавањата, кои според програмата ќе траат до крајот на оваа седмица.

Заинтересираноста за овој настан е голема уште во првиот ден од предавањата. Посетени бевме од поголема група ученици и граѓани, а се надеваме дека овој позитивен тренд ќе продолжи до крајот на неделата.“ – додава Бајрам.

Овој интернационален настан кој е отворен за сите заинтересирани граѓани, е поддржан од голем број познати личности ширум светот од сферата на компјутерските науки, како и надвор од неа.

Меѓу нив се основачаот на Microsoft – Бил Гејтс, NBA кошаркарот Крис Бош, потпредседателот на Google – Сузан Војцички, како и основачот на популарната социјална мрежа Facebook, Марк Цукерберг.

Инаку, со овој настан универзитетот “Св. Апостол Павле” од Охрид се вклучува во интернационалната недела која се одржува низ целиот свет со една единствена цел, да им се даде можност на сите луѓе од 6 до 106 години да можат да се едуцираат на теми од областа на компјтерските науки.

„За петнаесеттина години ќе учиме програмирање исто како читање и пишување, прашувајќи се зошто тоа не сме го направиле порано“ – Марк Цукерберг.

O.T.