Светската музичка атракција „Бонд“, неконвенционалниот гудачки состав кој руши рекорди во продажба на албуми и посетеност на концертите, вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето, ќе настапи на Античкиот театар кој целосно е распродаден.
Таниа Дејвис (виолина), Иос Чатер (виолина), Елспет Хенсон (виола) и Геј-Ји Вастерхоф (виолончело) заедно го сочинуваат составот кој има продадено неверојатни 5 милиони албуми низ целиот свет. Тие изразија задоволство што се во Охрид и ќе настапат на фестивалот Охридско лето кој, како што истакнаа, има долга и успешна традиција и на кој настапувале големи музички имиња.
Во Охрид тие ќе исполнат програма која е комбинација од сите досегашни албуми, а една композиција специјално е наменета за македонската публика.
-Подготвивме композиции од нашиот последен албум, а специјално за македонската публика ќе ја изведеме темата „Александар Велики“ од нашиот прв албум. Таа композиција одамна не сме ја изведувале и посебно сме возбудени поради тоа, изјави Геј-Ји Вастерхоф.
„Бонд“ за прв пат ќе настапат на фестивалот Охридско лето, по долгогодишни преговори со менаџментот на групата.
-После 7 години преговарање со менаџментот на најголемата светска музичка атракција „Бонд“, еве ги вечерва на програмата на фестивалот Охридско лето. Упорноста, трудот силната желба секогаш вродуваат со плод,-рече музичкиот селектор Гордана Јосифовска-Неделкова.
Добредојде во Охрид на девојките од „Бонд“ им посака градоначалникот Никола Бакрачески, кој кусо поразговара со познатите музички уметнички.
„Бонд“ ја црпи својата инспирација од класичните, латинските, фолк, џез, рок, елетро, индиските и стиловите од Средниот Исток, и низ годините се здоби со многу активна и лојална подршка од обожаватели. БОНД има безбројни појавувања на телевизии низ Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и Азија, меѓу кои и BBC, ITV, Channel 4, Sky, CNN, FOX News, RAI, ZDF, NBC, Canal Plus, MTV, NHK, CCT, ABC, TF1, CBC, Televisa и др. Покрај појавувањата на големи телевизиски шоуа, Бонд беше домаќин на CNN’s the Music Room, изведуваше на MTV наградите во Азија и САД, а исто така учествуваше и во телевизиските настапи на Radio City Music Hall во Њујорк. Квартетот ги красеше страниците на повеќето големи меѓународни весници и списанија, а неколку пати има и патувано на распродадени турнеи низ целиот свет.
На својата промоција, БОНД беше поздравен од печатот како „Спајс Грлс на класичната музика“. Набрзо квартетот постана музички феномен. Членовите на квартетот се образуваа на најпризнатите музички институции во светот (Royal Academy of Music, Royal College of Music, Guildhall and Trinity College of Music), а самиот квартет е вистинска забава; извореден чин на пркосење на стилови со желба за истражување на уживањето во музиката без разлика на културните препреки. Бонд вистински го размрда светот на стиловите на класичната музика, постигнувајќи неверојатни 56 платински и 15 златни дискови низ целиот свет.
„Бонд“ пред Охрид настапи на Олимпискиот стадион во Лондон, кад пред
една година составот беше дел од церемонијата на свеченото затварање.
По концертот на Античкиот театар „Бонд“ заминуваат на голема турнеја во
Кина.