-Мишел Камило е пијанист со брилијантна изведувачка техника и композитор кој ги зачинува своите тонови со карипски ритам и џез хармонија. Тоа е човек со неизмерен ентузијазам, страст за музика и љубов кон животот. Тој е добиник на многу престижни награди, а споради својата светска слава ужива државни почести во својата родна Доминиканска Република, вели Гордана Јосифова Неделкоска.
Мишел Камило, кој е исклучително позитивна и насмеана личност, денес на прес конференцијата за медиумите рече дека му претставува голема чест што ќе биде дел од фестивалот Охридско лето, кој според него има висока светска репутација
-Овој концерт е дел од нашата светска турнеја. Композициите кои ќе ги изведеме заедно со мојот пријател Идалго се комбинација на композиции во кои се преплетуваат класичниот пристап со богатите латиномаерикански музички стилови од областа на Карибите, а сето зачинето со богата џез-хармонија. Ќе изведеме дела од нашиот последен музички проект „Мано а Мано“, на кој му посветивме големо внимание на мелодијата, во која доминира внатрешниот, духовниот, емотивниот израз, рече Камило.
Според него, предворјето на Света Софија е многу необичен амбиент и верува дека ќе биде инспирација за незаборевен концерт.
-Имав можност да видам видео од концертот на врвниот пијанис Најџел Кенди, кој бил лани во Охрид и сцената пред црквата Света Софија многу ми се допадна, очекувам дека и вечерва ќе биде исто така убаво, дополни Камило.
Неговиот придружник на концертот, Џовани Идалго, меѓу другото рече дека синоќа имал можност да слушне и дел од македонската народна музика, за која рече дека е исклучително интересна пред се поради неправилните ритмови.