Балканот нема заборавено да игра ракомет и убеден сум дека многу скоро екипите и репрезентациите од регионот повторно ќе бидат силни и ќе почнат да ги победуваат ривалите од Скандинавија и Европа, но за тоа да се случи треба многу работа, современи и креативни методи, но и промена на правилата во ракометната игра кои се скроени по мерка на одредени земји како што ним им одговара. Доколку тоа не се случи, ракометот може да го изгуби статусот на олимписки спорт во 2028 година. Ова, меѓу другото, го истакна легендарниот хрватски ракометен тренер Лино Червар, на промоцијата на неговата книга „Ракомет – Патот до врвот и тајните на успехот“, што се одржа денеска во  Инекс Олгица Хотел и Спа во Охрид.

Червар пред присутните, меѓу кои беа ракометни играчи и тренери, спортски работници и новинари, зборуваше за успехот на хрватската ракометна репрезентација која кон крајот на 1990-те години од последна во Европа за само 18 месеци се трансформира во светски и олимписки шампион.

Нема добар генерал без војска. Успехот со хрватската репрезентација го постигнав затоа што имав исклучително талентирани, технички добро подготвени, мотивирани и паметни играчи кои на тернот ги спроведоа сите мои замисли, рече Червар.

Тој истакна дека ракометот денес е тотално променет, посочувајќи дека од колективен спорт станал игра на индивидуални потези во што доминираат скандинавците бидејќи правилата во ракометната игра се скроени по нивни терк. Тоа мора да се промени, додаде тој, изразувајќи уверување дека ќе успее да ги натера ИХФ и ЕХФ на таков чекор. Како? Ќе видите рече тој.

Не може пасивен напад за едни да биде минута и половина, за други 20 секунди и за тоа да одлучуваат судиите според слободно убедување. Мора да има прецизни правила кои нема да збунуваат и нема да фаворизираат никого, рече Червар.

Според Червар ракометните колективи на Балканот треба да се прилагодат на трендовите и да го променат начинот на работа посветувајќи повеќе внимание на детали, особено на играта во одбрана која, како што рече, мора да биде контра концепт на нападот, а посебно ја потенцира работата со младите генерации.

Треба да се применуваат инвентивни методи, да се менува играта и пристапот кон неа без страв, рече големиот ракометен стратег кој дел од својата кариера мина во Металург од Скопје, а беше и на чело на македонската репрезентација.

Тој изрази задоволство што е во Охрид каде ќе присуствува на Меѓународниот меморијален турнир „Крсте Андоновски“ кој почнува денеска.

Г.М.
Фото: А. Момироска