Според информациите од СВР- Охрид, пожарот кој неодамна избувна во објектот на Ади Жута од струшкото село Добовјани, во кој изгореа 37 крави од расата „Холштајн“ и пет телиња, не бил подметнат.


Извршениот увид покажал дека причина за пожарот било запалено стрниште од соседите, од каде огнот се проширил и потоа го зафатил објектот во сопственост на Жута. Во огнената стихија освен 37-те крави и петте телиња, беа уништени и еден агрегат, затворен систем за производство на млеко, бали сено и јонџа, три тони сточно брашно, систем за пиење вода и апарати за чување  храна.

Како што проценува сопственикот Жута предизвиканата штета од пожарот е над 200.000 евра, со оглед на тоа дека само објектот вредел околу 50.000 евра.

Од СВР- Охрид најавуваат поднесување на соодветни пријави за тие што го запалиле стрништето.

OhridNews