Шестмина туристи, меѓу кои две деца, загинаа во силното невреме коешто синоќа ги зафати познатите туристички места во Халкидики.

Во невремето настрадаа Романка и нејзиниот осумгодишен син врз кои се урнал покрив во таверна во местото Неа Плагија. Меѓу загинатите се и двајца чешки туристи во Созополи, како и Русин и неговиот двегодишен син врз кои паднало дрво пред хотел во Неа Потидеа.

Едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, а причинета е и голема материјална штета. Грчката крајбрежна служба од вчера попладне трага по рибар, кој со неговиот чамец исчезнал во морето.

Прекинато е и снабдувањето со електрична енергија во најпогодените делови на Халкидики.

Од македонското министерство за надворешни работи информираа дека во невремето нема повредени македонски граѓани.