Македонската ракометна репрезентација в среда на 3 април во третата рунда од квалификациите за Европското првенство ќе се сретне со Шпанија, која на последниот светски собир го освои златниот медал.

Голманот на селекцијата, Борко Ристовски за “Екипа.мк“ истакна дека репрезентацијата на Шпанија е фаворит, но дека Македонија има сила на домашен терен да ја совлада било која ракометна велесила.

На сите во селекција ни е јасно дека Шпанија е фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме предвреме. Како и на секој натпревар на домашен терен со поддршка од публиката можеме да ја “легнеме“ секоја селекција. Тие ќе дојдат ослабени без пивотменот Јулен Агинагалде, но тоа нема да ја растури нивната концепција бидејќи имаат голем фонт на играчи. Исто така мораме во нападот да сме многу ефикасни и да не му дозволиме на Штербик да влезе во посакуваниот ритам од почетокот на мечот – рече Ристовски.

За двомечот со Шпанија, селекторот на македонската репрезентација Ивица Обвран повика тројца голмани. Покрај стандардниот на голот Ристовски, тој ги додаде Никола Митревски и Петар Ангелов.

Мх.П.