Во рамки на акцијата „Гора“ за сузбивање на криминалот со нелегална сеча и продажба на огревно дрво, која деновиве се прошири и на Охридско – струшкиот регион, СВР Охрид поднесе една кривична и три прекршочни пријави.

Поради постоење на основ на сомнение за сторено едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување, Секторот за внатрешни работи Охрид, против 38 годишен жител на Охрид поднесе кривична пријава. Пријавениот во својство на службено лице-управител во ДООЕЛ од Охрид и лиценциран работник за извршување на стручни работи на шуми овластен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, со искористување на службената положба и овластувања и со пречекорување на границите на своето овластување на 15 подносители на барања и во нивна корист, без да поседуваат комплетна документација и без потребниот геодетски елаборат, незаконски им издал 23 одобренија за сеча на приватна шума. Тоа го направил спротивно на правилникот за видот на сеча и содржината на обрасците за барање и одобрение на сеча и евиденција на сечата за површини помали од 100 хектари кои се во приватна сопственост. 

Дополнително, пријавениот во 28 предмети издал и пополнал испратници за транспорт на пресечените дрва кои приватните лица ги пренесле до крајната дестинација а притоа не ги уплатиле потребните парични средства, законски предвидени за проширена репродукција според членот 96 од Законот за шуми, со што бил оштетен буџетот на Република Македонија во износ од 79.976 денари, информираат од полицијата.

Акцијата „Гора“ СВР Охрид ја спроведува во содејство со Шумската полиција,  УЈП, катастарот и ЈП Македонски шуми. Притоа изминатите денови извршена е контрола на 8 легални складови за дрва, а во три од нив биле констатирани неправилности, поради што се поднесени три прекршочни пријави.- изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Контролата продолжува на целокупната територија која ја покрива СВР Охрид.

OhridNews