Претаставата „Малограѓанска свадба од Брехт во режија на Дејан Пројковски, која неодамна доживеа премиера во Охридскиот народен театар, продолжува да го привлекува вниманието на јавноста. За претставата која се игра пред ограничен број публика, поради специфичната поставеност, се бара билет повеќе, а позитивните критики на театарската фела и театролозите само го потврдуваат квалитетот на Охридскиот народен театар кој полека созрева во врвна културна институција, која постојано се надградува. Раководителот на театарот, актерот и режисер Горан Стојаноски, во интервју за OhridNews говори за создавањето на „Малограѓанска свадба“, за соработката со Пројкоски, за критиките, за културата и идниот развој на театарот кој полека станува препознатлив белег на градот.

ON: Претставата „Малограѓанска свадба“ предизвика голем интерес. На што се должи тоа?

Г. Стојаноски: Она што секогаш е во воздухот помеѓу актерите, продуцентите и режисерите, сите луѓе кои создаваат некое дело целат тоа да биде најдобро. Со Дејан Пројкоски со овој проект беспоштедно влеговме во вистинската длабина на она што претставува Брехт. Многумина Брехт го поставуваат како некаква слика, нешто приближно на него, но ми се чини дека Пројкоски ја нашол вистинската линија каде тоа може да профункционира.


ON:Претставата се игра пред 24 гледачи кои седат на иста маса со актерите. Претставува ли тоа посебен предизвик или потешкотија?

Г. Стојаноски: Да се игра сат и честириесетина минути постојано на сцена, под полна концентрација на маса каде што има 24 луѓе публика уште девет актери, а сето тоа да изгледа како нормална секојдневна приказна со толку турболенции и возбуди, се чини дека е достигнат високиот стандард. Во принцип да се каже нешто пред некого и во најобичен разговор не е едноставно, а ако треба со дваесет и нешто луѓе очи во очи да направите нешто да изгледа ексклузивно верно, а сето тоа е смислено, а не е вистински верно, е тука е клучот на високата уметност. Луѓето кои немаат искуство во театарот сето тоа го гледаат како нормална приказна, дека се се’ случува спонтано, е тоа е совршенство на играта.



ON: Оваа претстава прдизвика бројни позитивни реакции. Охридскиот народен театар покажа дека има и капацитет и квалитет да изведува врвни дела?

Г. Стојаноски: Нашиот театар го препознаваат по комедии, дека публиката е вон случувањето на актерот, но ова е обратен процес, сите ние сме тука, овде и сега, и се случува нешто кое ем те засмејува, но соопштува и содржина од која трепери срцето. Ова е претстава која е вистинскиот стандард на Охридскиот театар. Од овој момент па натаму треба да продолжи театарот во нагорна линија или во најмала рака да се одржува тоа што е постигнато. Луѓето можеби не верувале во капацитетот на актерската екипа, но  благодарение на мајсторството на Пројковски од нив е извлечено онолку колку што може меѓутоа со вистински квалитет и висока професионалност.


ON: Заинтригиравте многумина со оваа претстава, голем број ваши колеги ја проследија, кои се впечатоците на фелата?

Г. Стојаноски: Впечатоците на фелата не се изненадувачки туку реално увидени. Кога човек се занимава со одредена работа точно ги знае нивоата што се случува во една претстава. На една од премиерите имаше петнаесетина наши колеги, врвни актери, кои искрено беа фасцинирани. Тие го гледаат начинот како до тоа е дојдено, како се градела претставата која ги доведе до едно ниво да ни кажат „Да тоа е тоа“. Да се игра сега и овде директно со публиката на сцена е врвен предизвик за секоја тетарска екипа. За тоа е потребна хемија во актерската екипа, која ја поттикна и одличната музика што ја компонираше  Горан Трајковски и изведбата на оркестарот во живо.


ОН: Претставата предизвика внимание кај стручната јавност, но и кај медиумите, дел од нив изнесоа сопствени видувања за делото. Како гледате на критиката, кој се тоа може да ја оценува вашата работа?

Г. Стојаноски: Луѓе театролози кои се образовани за театар можат да пишуваат критики за претстави и се знаат кои се тие луѓе во Македонија. Одредени луѓе си земаат за празво да зборуваат и да критикуваат одредена претстава, но со нивниот личен став кој сметам дека е некомпетентен сакаат да направат нешто да биде читано, видено, чуено, а вистинските театарски критичари може да даде оценка за одредено дело. Критиката која ја даваат вистинските критичари секогаш е добредојдена, без оглед дали е добра или не. Можеме да спориме да разговараме, но постојат и луѓе кои тоа го прават на своја рака иако не се компетентни.


ON: „Малограѓанска свадба“ е само уште една претстава, што понатаму, кој е правецот на развој на Охридскиот театар?

Г. Стојаноски: Вистинската цел е развој и одржливост, надоградување на капацитетите, создавање програма која ќе го опфати вкусот на целата публика. Оваа претстава е еден убав високо калоричен колач за публиката, но имаме и други претстави. Нашата публика е специфична, но е екслкузивно верна и има големо достоинство. Оваа претстава покажува дека градот има театарски проект репрезентатив не само на локално ниво и во рамки на земјата, туку интернационален. Во иднина би сакале да се опфати регионот, да играме во Струга, да направиме регионален театар , а за да се направи тоа мора да има високо квалитетен продукциски поддржувач, техника, маркетинг, сето тоа е во изградба. За да се исполнат сите услови за тоа ќе треба малку време.

Г. Момироски