Претседателот на Регионалниот совет за соработка во рамките на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, Горан Свилановиќ, денеска во Охрид изјави дека ја разбира одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов кој ги откажа самитите на претседатели кои викендов требаше да се одржат во Охрид и Струга.
-Ја разбирам одлуката на претседателот Иванов. Жалам бидејќи секој договор и разговор е важен, но го разбирам како претседател на државата кој сака неговата земја да биде почитувана од сите колеги претседатели на други држави. Сметам дека на долг рок оваа одлука ќе ни донесе добри резултати. Сега никому не му е пријатно, но на долг рок тој отворено рече дека мора искрено да се разговара кои се проблемите во регионот, кои се решенијата и тие решенија да се почитуваат, и сите учесници во дијалогот да се почитуваат како личности, како функции и како земји.-изјави Свиланоќиќ на прес конференцијата што се одржа во рамки на состанокот на Регионалниот совет за соработка.
Според Свилановиќ , потегот на претседателот Иванов ќе овозможи искрен разговор, низ кој треба се изнајдат решенија за проблемите кои ги има регионот.
-Додека се разговара проблемите можат да решат, денеска имавме добар состанок и верувам дека во иднина добри состаноци ќе имаат и министрите и претседателите во процесот за соработка на Југоисточна Европа. Можеби овој мал струен удар е добар, и на долг рок ќе ни помогне за разрешување на одредени проблеми кои ги имаме, а овој не е единствениот проблем што предизвикува бојкот. Ние сите знаеме дека има уште проблеми во регионот кои се на исто ниво и можеби со овој гест е испратен сигнал дека проблемите мора да се решаваат и тоа брзо.-рече Свилановиќ.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Поповски, истакна дека не е прв пат да се гледаат вакви ситуации, а тоа што е непријатно е што се случува во нашиот регион.
-Принципиелно, нема тука тајна, Р. Македонија стои зад својата позиција и смета дека треба сите да бидат вклучени во дијалогот. Мислам дека на ниво на рагионална соработка, само дијалогот може да ни помогне. Не сите се согласуваат со вклученост очигледно во практично ниво и сметам дека во такви услови најбитно е да го задржиме кредибилитетот на тој процес. Како земја која многу долго патела од блокади и сметала дека блокади не носат никому добро, мислам дека дијалог, отвореност и вклученост на сите е единствениот пат кој може да не води напред, особено доколку сакаме да бидеме дел од ЕУ. Тоа е нашата позиција и мислам дека во таква ситуација ова е најдобра одлука и мислам дека така треба да постапиме.-истакна министерот Поповски.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, вчера, го откажа самитот на шефови на држави членки на процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и форумот за дијалог меѓу цивилизациите, кои викендов требаше да се одржат во Охрид и во Струга.
-Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да ја донесам оваа одлука. Сакам да знаете дека Република Македонија постапи целосно во согласност со оснивачките документи и правила и како одговорен претседавач. За жал старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаа во пресрет на самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балкнските држави, а цената да ја плаќа Македонија. Предизвиците се решаваат со дијалог, а не со бојкот.-рече претседателот Иванов.
Тој истакна дека Македонија се подготвувала за самитот цела година со цел да ги донесе на иста маса лидерите од Балканот кои требаа да дискутираат на теми од висок интерес за граѓаните во регионот и изрази надеж дека час поскоро ќе имамеме поинаков, поевропски Балкан.