Државната изборна комисија (ДИК) денеска издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, на Гордана Сиљановска Давкова, откако на седница ги објави конечните резултати од Претседателски избори одржани на 24 април и 8 мај годинава. Уверението на Сиљановска Давкова и го врачи претседателот на ДИК Александар Даштевски и во име на Комисијата посака успешен мандат.

Државната изборна комисија на седницата утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, а гласале 861 218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47.47.
За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
OhridNews
фото. ДИК











