Еколошки инцидент се случи денеска во близина на градското пристаниште, кога гориво  се излеа во Охридското Езеро.


Се претпоставува дека причинител на загадувањето е некој од пловните објекти закотвени на пристаништето на кои беше извршена контрола од страна на државниот инспектор за заштита на животната средина.  На негово барање претставник на Регионалониот завод за здравствена заштита зеде повеќе примероци од езерската вода за да се утврди степенот на загадување. Еколошкиот инцидент го регистрираше и општинскиот инспекторат за заштита на животната средина.


Носена од ветрот и брановите мрсната дамка се прошири покрај кејот во правец на хотел „Палас“.

Граѓаните се револтирани од ваквиот однос кон Охридското Езеро и сметаат дека тоа ќе има негативни последици.

– Дали со вакви работи ние ќе пречекуваме гости. Овој природен бисер треба да биде кристално чист и не заслужува ваков однос, ни изјави граѓанин кој го затекнавме на кејот.


Сличен еколошки инцидент имаше и минатата година кога во  езерските води беше испуштена поголема количина мазут од котел за парно греење. Виновникот не беше откриен, а надлежните поднесоа кривична пријава против непознат сторител.

OhridNews