-Попустите се ефективни, муштериите се задоволни и се разбира и ние не губиме многу. Во денешно време кога примањата се ниски, луѓето бараат да купат поевтино. Ние не можеме да понудиме ниски цени во текот на целата година, бидејќи имаме високи давачки, но кога е при крај одредена сезона на гардероба, доколку имаме поголема залиха на роба мора да пуштиме попуст. -велат сопствениците на неколку охридски бутици.
Тие нагласуваат дека оваа зима, попустот на зимската гардероба започнал многу рано, за разлика од претходните години, кога започнуваше дури пред почетокот на пролета. Тоа значи дека за време на предпразничната “шопинг еуфорија” немало многу промет, па трговците процениле дека за да не им остане робата непотрошена , одлучиле порано да ги направат намаленијата.
Повеќето охриѓани велат дека гардеробата сега е “бадијала” во споредба со цените пред нова година. Најчесто присутни во дуќаните секако, се припадничките на понежниот пол. Тоа што свечените празнувања поминаа, очигледно, не претставува никаква пречка, бидејќи, на попуст не е само свечената гардероба, туку и целиот зимски асортиман, а можноста да се купи нешто поевтино се користи до максимум.
-Јас не ја следам модата, но сакам убава гардероба. Дури и да не успеам да ја износам, ќе остане за идната година. Она што е убаво секогаш е поскапо, а платата тоа не ми го дозволува, па убава гардероба купувам само на попуст-вели една наша сограѓанка која што во еден од нашите бутици се поднови со неколку парчиња облека.
Трговците навистина се потрудија да ги привлечат купувачите , а дали навистина се работи за гардероба “под цена” или маркетиншки трик, со кој таа само ја достигнала реалната вредност, проценете сами.