На туристите кои допатуваа во Скопје и на екипажот на воздухопловот Боинг 737-500 топло добредојде им посака генералниот менаџер на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, почесниот конзул на Белгија, Елена Никодиновска, заменик-генералниот менаџер за маркетинг на „ТАВ Македонија“, Зафер Меше, менаџерот на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, Неџат Курт, како и персоналот на аеродромот „Александар Велики“. Патниците и членовите на екипажот беа послужени со торта и квалитетни македонски вина.
– Со компанијата „Џетерфлај“ и новата линија со Брисел, граѓаните на Македонија добиваат уште едно значајно поврзување со една од за нас позначајните европски дестинации – рече Крстевски.
Белгиската авиокомпанија до септември ќе има редовни летови секој вторник и недела од Брисел до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ и до скопскиот аеродром „Александар Велики“. „Џетерфлај“, заедно со уште седум други авиокомпании, е дел од најголемата туристичка флота во Европа, во рамки на „ТУИ Травел ПЛЦ“ групацијата, која веќе започна со туристички аранжмани и оствари летови до Македонија, носејќи туристи од државите на Бенелукс со првиот лет од Холандија на крајот на април.














