Хотелите на охридско-струшката ривиера потпишаа нови тригодишни договори со холандскиот тур-оператор „Корендон“ со посредство на македонскиот партнер „Фибула ер травел“.

-Новина за следните години ќе биде тоа што во програмата ќе има хотели кои ќе нудат „all inclusive“ и други дополнителни услуги и содржини во хотелите. Со тоа ќе ја збогатиме понудата за странските гости и ќе придонесеме да имаме поголем број на туристи кои што ќе доаѓаат од земјите на Бенелукс, но и пошироко.-изјави Асим Меѓедовиќ, менаџер на „Фибула ер Травел“, партнер на „Корендон Интернешнал“ во Македонија.

Вредноста на договорите е неколку милиони евра. Закупени се соби во над десет хотели на охридско-струшкото крајбрежје во обем за 20-30 проценти повеќе во однос на оваа година, додаде Меѓедовиќ. 

Потпишувањето на новиот договор го поздрави и Хотелската асоција на Македонија – ХОТАМ. Оттаму сметаат дека новите договори ќе придонесат за подобрување на работата и квалитетот на услуги на хотелите.

-Со овие договори хотелиерите ја продолжија сигурноста во работењето, во планирањето и во инвестициите кои ќе ги направат во наредните години. –изјави Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Танески посочи дека овие договори во изминатите години помогнаа хотелската база на охридско-струшката ривиера да се реновира и модернизира, и да се подобри квалитетот на услугата. Согласно потребите и барањата на гостите значителни подобрувања има во повеќе капацитети, а дел од нив за прв пат почнаа да нудат и all inclusive“ услуги, додаде претседателот на ХОТАМ. Тој смета дека со ова ќе се овозможи отворање на нови пазари во светот кои се неопходни за развој на туризмот.

Г.М.