Освојувачот на трофејот во СЕХА лигата, актуелниот македонски првак и учесник во 1/4 финалето во Лигата на Шампиони, Вардар гостува во Охрид во рамките од 4-та рунда од плејофот во Супер лигата. За охридската публика ова ќе биде меч за уживање, додека за „гладијаторите“ награда за досегашните успеси во Супер лигата.
Ракометниот клуб Охрид гостувањето на Вардар во „Билјанини Извори“ го искористи за зближување со учениците од Основното училиште „Григор Прличев“ кои имаа можност да се дружат и одмерат силите со своите идоли.
После средбата со учениците капитенот на „гладијаторите“, Крсте Андоновски ги искажа своите очекувања за спектаклот во Охрид. – Сигурно нема да излезиме со бело знаме и да се предадеме уште од почеток. Сите го знаеме квалитетот на Вардар, но и ние имаме обврска пред нашите гледачи да се бориме со срце како и на сите натпревари.
Управата на РК Охрид ги повикува сите љубители на ракометот да дојдат во што поголем број и да ги бодрат „гладијаторите“ во еден од историските мечеви во Охрид. Натпреварот започнува во 18 часот, а билитет чинат 50 денари.
Фото галерија:
Гостувањето на Вардар во „Билјанини Извори“, ракометен празник во Охрид.
Михаил Постоловски