Говорот на омраза е се поприсутен во Македонија, но истиот не се препознава или не се сака да се препознае од страна на институциите во системот што доведува до негово секојдневно проширување, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Говор на омраза имаме спрема секоја група со заеднички идентитет и карактеристики. Најчесто е по основ на социјално потекло, кон ромската заедница, поради сексуална ориентација, поради етничка припадност, кон заедниците во Македонија кои се во малцинство, особено кон албанската заедница. Она што е особено изразено во последниот период е се поприсутниот говор на омраза врз основ на политичка определеност или убедување, потенцира Билјана Илиевска, советник во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.

Ваквите констатации ги потврдуваат и од Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде додаваат дека голем проблем е тоа што нема соодветна реакција од надлежните институции.

За жал состојбите во Македонија покажуваат дека говорот на омраза се употребува пречесто, но релевантните државни институции, надлежни да го казнуваат, се неми. Има многу малку постапки кои се водат пред  јавните обвинителства и домашни судови, за говорот на омраза што е кривично дело кое мора да се гони и казнува, вели Елена Брмбевска од  Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според Народниот правобранител неопходно е да се преземат конкрентни мерки, најпрво за обучување на вработените во институциите со цел тие да го препознаат говорот на омраза, а судството да носи одлуки и судски пресуди против говорот на омраза врз основ на претходно покренати постапки од основното јавно обвинителство. Народниот правобранител смета и дека е крајно време во кривичниот законик да се воведе и посебно кривично дело–говор на омраза.

За состојбите со почитувањето на човековите права, дискриминацијата и говорот на омраза во општините Охрид, Ресен, Битола и Струга, се говореше на денешната завршна конференција „Епитети-етикети“  во организација на Младински Совет Охрид, во соработка со здруженијата „Амос“ од Битола, „Фокус“ од Ресен и „Исидор“ од Струга.

Човековите права во овие региони и институциите кои беа опфатени се почитуваат, нема поголеми сознанија околу дискриминацијата, но ќе повторам, она што е алармантно е што не се препознава говорот на омраза. Институциите изразуваат подготвеност да се вклучат во понатамошни едукативни активности со кои ќе се помогне да се намали говорот на омраза, вели Димче Каневче, претседател на Младински Совет Охрид.

Проектот „Епитети-етикети“ се реализираше со поддршка од Амбасадата на Република Франција во Република Македонија.

Т.К.