На 26 јануари ќе биде одржана првата работилници за Граѓанска наука која претставува нов пристап за истражување во НП Галичица со вклучување на јавноста.

Истата ја вклучува јавноста во елементите на истражувачкиот процес, обезбедувајќи вредни научни сознанија и уникатно образовно искуство за учесниците. НП Галичица ќе ја користи граѓанската наука во извршувањето на својата мисија, со цел да ги зачува природните и културните вредности и да обезбеди уживање и образование за посетителите, вели Ангела Тасеска, соработник за еколошка едукација во ЈУНПГ.

Заинтересираноста за оваа активност е навистина голема, а досега се пријавени повеќе од 30 кандидати. На првата работлница ќе бидат претставени генералните информации за Граѓанска наука, каков е начинот на нејзино спроведување во странските земји, што значи Натура 2000 мрежа, кои видови ќе бидат мониторирани во текот на овој процес, какви следни активности ги очекуваат волонтерите и слично, вели Тасеска.

Улогата на волонтерите вклучени во овој процес, вели, ќе биде при секоја посета на Галичица доколку забележат некој од зададените растителни и животински видови, за кои претходно ќе бидат обучени, да го сликаат истиот вид и да достават фотографија до вработените во НП Галичица, односно до двајцата биолози, преку апликацијата која ќе биде одредена и за која исто така ќе бидат обучени.

Штом ја достават фотографијата до нас биолозите, веднаш ќе биде проверена дали се работи за точниот вид и доколку е потврдна информацијата истиот ќе биде внесен во база на податоци, а волонтерите ќе можат да ја внесат во апликацијата со име и презиме, т.е. како контрибуција при мониторингот, додава Тасеска.

Соработката помеѓу научниците и волонтерите, истакнува, има потенцијал да го прошири опсегот на истражување и да ја подобри способноста за собирање научни податоци.

Заинтересираните членови може да придонесат за добивање вредни информации додека учат за растителниот и животинскиот свет во нивните локални заедници, а може да се вклучи секој оној кој има желба да придонесе кон работата на НП Галичица, без претходно било какво научно познавање за растителниот и животинскиот свет во НП Галичица. Очекувањата се истата да донесе голем број на идни активни проекти и да обезбеди дополнителни информации за науката во НП Галичица, вели Тасеска.

Со Граѓанска наука беа запознаени и учениците во ООУ „Св. Климент Охридски“ бидејќи предвидено е и нивно вклучување, за кои вели Тасеска ќе има организирано посебна работилница.

Покрај Тасеска тимот кој ја спроведува оваа активност е составен уште од четири други вработени лица во установата, вклучувајќи уште еден биолог Климент Нанев – соработник за видови и живеалишта, Константин Здравески – соработник за алтернативни активности, едно лице од чуварската служба Александар Гугоски и Катерина Ническа туристички презентер. Проектен координатор е експертот од Австрија Даниел Богнер, а проектен асистент Ивана Христовска.

ЈУНП Галичица во месец ноември започна со реализација на Citizen Science или Граѓанска наука, во рамки на проектот Натура 2000 кој се спроведува од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање.

Н.С.Ј.