Мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство е најавен за денес од 12 до 14 часот во Охрид. Од „Охрид не молчит“ посочуваат дека целта е да се испрати јасна порака дека повеќе нема да се молчи пред сеприсутното насилство врз жените во нашата држава.
Грозоморниот случај на насилство што се случи во нашиот град на 15 ноември нè потсети дека насилството не се случува далеку од нас, туку тука, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме. Насилството не е приватна работа. Тоа не почнува и не завршува со насилникот и жртвата, ниту останува зад затворените врати. Насилството е општествен проблем што ја засега целата заедница, а молкот и игнорирањето придонесуваат за негово нормализирање, посочуваат.
Додаваат дека за едно година се случени седум фемициди, седум жени чии животи беа одземени како последица на родово засновано насилство.
Додека чекаме целосно да се расветлат околностите на случајот во нашиот град, наводите објавени во медиумите отвораат сериозни прашања. Неизвесноста околу овие околности дополнително ја разнишува довербата во институциите и го засилува чувството на небезбедност кај нас граѓаните. Бараме овие сомнежи да бидат темелно и независно испитани, а надлежните институции да обезбедат транспарентност и одговорност во постапувањето. Затоа, како граѓани и граѓанки на Охрид, одбиваме да молчиме. Сакаме да живееме без страв, да се чувствуваме безбедно во сопствените домови, на улиците и во сопствениот град, во сопствената држава. Излегуваме солидарно, за безбедноста, еднаквоста и правдата. Затоа што ниту една жена не треба да живее во страв, ниту една да биде оставена без заштита и ниту една повеќе да го загуби животот поради насилство. За сите жени. За оние што зборуваат, за оние што молчат од страв и за оние што повеќе не можат да зборуваат.
Од „Охрид не молчит“ упатуваат повик до сите сограѓани и сограѓанки да се приклучат на собирот кој ќе започне во 12 часот на градски плоштад „Св. Климент Охридски, а протестната поворка ќе продолжи до СВР Охрид, каде ќе биде упатена порака за навремено постапување, сериозно третирање на пријавите на насилство од страна сите жени, и потоа ќе продолжи до Основно јавно обвинителство каде ќе биде побарано темелна истрага, непристрасно судење и еднаквост пред законот.

Очекуваме сите учесници да ги почитуваат овие правила и да придонесат кон безбедно и достоинствено изразување на граѓанскиот протест, додаваат од „Охрид не молчит“.
OhridNews












