Локалната самоуправа во пресрет на новата учебна година, со сопствени средства започна со уредување, санација и реконструкција на општинските училишта на територијата на општина Охрид.


 
Како што информираат од Локалната самоуправа, учениците од  основното училиште „Св. Наум Охридски“ во Пештани часовите по физичко воспитување наскоро ќе ги одржуваат во нова фискултурна сала, со чија изградба ќе се реши проблемот околу одржувањето на наставата по физичко воспитување.


Во ОСУ „Св. Климент Охридски“ , се врши изградба на 2 современо уредени соблекувални. Во тек е и санација на училишната ограда на игралиштето во основното училиште „Св. Климент Охридски“ со што ќе се зголеми безбедноста на објектот. Со нова ограда е и детската градинка ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – објект „Росица“.


Обновена е и дограмата, во основното училиште „Ванчо Николески“ од Лескоец,   промената внатрешната столарија во ОУ „Живко Чинго“ во Велгошти, каде е саниран  и училишниот под. Слични зафати се извршени и во подрачното ушилиште во селото Косел, како и во ОУТУ „Ванчо Питошески“. Во тек се и градежни активности за поставување на нова доводна и одводна инсталација во основното училиште „Христо Узунов“, каде е предвидено и поплочување на училишниот ходник.


Во интерес на подобрувањето на условите за изведување на наставата во училиштата во општината, од Локалната самоуправа најавуваат дека одредени градежни зафати се предвидени и во основното училиште „Братство Единство“ Лескајца и Крст – џамија и во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

OhridNews