Детската градинка Јасна Ристеска ќе се реновира. Со средства кои се издвоени од општинскиот буџет предвидено е годинава да се изврши доградба на централниот објект на градинката, со цел да се обезбеди дополнителен простор за згрижување на децата, потреба која постои веќе години наназад.

Со овој градежен зафат ќе се обезбедат дополнителни три занимални и една трпезариска просторија, за чии потреби досега се користеше адаптиран простор кој не беше најсоодветен. Со оглед на фактот дека од година во година бројот на деца кои ја посетуваат градинката се зголемува, очигледна е потребата и за поголем простор. Со цел да се задоволи интересот од родителите кои ги бараат нашите услуги, бројот на децата во групите веќе неколку години се надминува од оној кој го пропишуваат стандардите за работа. Се надевам дека со зголемување на просторот ќе можеме соодветно да одговориме на ваквите барања, вели директорката Марина  Петроска- Тодороска. 

За годинава предвидено е и подновување и на останатите објекти кои функционираат во рамки на градинката, со цел да се обезбедат соодветни услови за работа.

Ќе се заменува и старата и дотраена надворешна столарија на објектот Билјана, а се планира и уредување на дворното место на овој оваа градинка.Слични зафати се предвидени и во градинките Росица и Развигорче, каде ќе бидат санирани и старите санитарни чворови.